
Дербито на третото коло од групата Б на првата дивизија од Националната харлинг лига го одиграа двете првопласирани екипи – Килкени и Вексфорд.
Заразувањето со КОВИД-19 на некои членови на Вексфорд евидентно влијаеше врз овој состав, кој загуби од Килкени за првпат после шест меѓусебни пресметки.
Имено, најуспешниот тим во Ол-Ајрленд Сениор Харлинг Чемпионшип славеше на домашен терен со резултат од (2-27) 33-23 (0-23).
Најзаслужен за победата на ,,Мачките” беше фантастичниот Ти Џеј Рид, кој беше заслужен за еден гол и за осумнаесет поени (1-18).
Освен Рид, мрежата на гостите ја затресе и Били Рајан (1-4), кој беше втор поентер во својот тим.
На спротивната страна, поентерски најрасположен беше Ли Чин, кој забележа тринаесет поени (0-13).
На две кола до крајот на регуларната сезона, Килкени го држи првото место во својата група со стопроцентен учинок, додека Вексфорд падна на третата позиција со еден поен послаба поен-разлика од второпласираниот Даблин.



