Шестата локација од Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција, а воедно и последна во 2020, е австрискиот Земеринг.
На денешната програма беше третиот овосезонски слалом, кој следуваше по вчерашниот откажан велеслалом.
Накрај, до првата победа во кариерата стигна Швајцарката Мишел Жизен (1:42,05), која отскија неверојатна втора серија. Првопласираната од првото скијање, Микаела Шифрин (+0,57) заврши на третото место, а одличен резултат за себе, воедно и за Австрија, направи Катарина Линсбергер (+0,11) на второто место.
Сите останати скијачки надвор од подиумот заостануваа над една секунда. Од нив, во првите десет се пласираа: Петра Влхова (+1,36), Венди Холденер (+1,43), Катарина Трупе (+1,56), Кристин Лисдал (+2,40), Марија Терезе Твиберг (+2,57), Нина О’Браен (+3,06) и Катарина Хубер (+3,14).



