
Денешниот паралелен велеслалом во Лех-Цирс, Австрија, беше втора трка од новиот Светскиот куп во машка конкуренција.
На него, до првата победа во кариерата стигна домашниот скијач, Кристијан Хиршбил, кој ги заврши квалификациите дури на петнаесеттото место.
Во финалето, 31-годишниот Австриец беше подобар од својот сонародник, Доминик Рашнер, кој се искачи на пиедесталот за првпат во својата кариера.
Во малото финале учествуваа двајца Норвежани при што Атле Ли МекГрат го натскија својот поискусен колега – Хенрик Кристоферсен.
Во четврт-финалето на денешната трка се пласираа уште четири натпреварувачи, односно Тревор Филп, Адријан Пертл, Ерик Рид и Стефан Хадалин.



