Минатосезонскиот полуфиналист на плејофот на Лиг 2, Колчестер, денес му го нанесе првиот овосезонски пораз на составот на Форест Грин.
Во првите шест кола, Форест Грин имаа три победи и три нерешени, а денес загубија со 1-0 од релативно аутсајдерскиот противник.
Гостите од Неилсворт, најмалото гратче во професионалниот англиски фудбал, беа подобри во сите параметри на играта, освен што им фалеше прецизност: од тринаесет удари кон противничкиот голман, само еден заврши во рамките на голот.
Единствениот погодок го постигна Ноа Чилверс уште во втората минута од мечот, односно после седумдесет и три секунди.
Со денешниот пораз, Форест Грин падна од четвртото на деветтото место, додека новите три поени го однесоа Колчестер до единаесеттата позиција.



