
Во текот на денешниот ден беа одиграни единаесет натпревари од шестото коло на англиската Национална лига, кое ќе биде комплетирано утре со дуелот помеѓу Рексам и Гејтсхед.
Алдершот 1-3 Мејдстоун
Мејдстоун ја запиша втората победа во тековната сезона, совладувајќи го Алтринчам со 1-3 на гостински терен. Сите четири погодоци паднаа во првите десет минути од второто полувреме, при што, Џастин Амалузор (55′) стрелаше за домаќините, а Реган Бути (49′), Џек Берам (51′) и Бивеш Гурунг (54′) реализираа за гостите.
Алтринчам 1-2 Честерфилд
Честерфилд изби на врвот на табелата со денешниот триумф после пресврт над Алдершот од 1-2. Алдершот поведе во првото полувреме преку Тоби Муларки (45′), а претставниците на Дербишир дојдоа експресно до позитива во првите четири минути од вториот дел, благодарение на Тирон Вилијамс (46′) и на нивниот најдобар стрелец од минатата сезона – Кабонго Тшиманга (49′).
Доркинг 1-4 Борам Вуд
Доркинг одигра солидно прво полувреме, после кое водеше со минимални 1-0 со голот на Алфи Ратерфорд уште во осмата минута. Сепак, двоецот на гостите, составен од Ли Ндлову (64′, 90+2′) и од Тирон Марш (65′, 90+7′), двапати стрелаше едноподруго за конечни четири погодоци во мрежата на Славомир Хук.
Нотс Каунти 1-0 Солихал Мурс
Дуелот на двете најефикасни екипи после првите пет кола, а воедно и дербито на денот, заврши во корист на Нотс Каунти. Имено, фудбалерите од Нотингем беа првите во тековната сезона, кои ги лимитираа на „нула“ гостите од Солихал и се израмнија со нив по бројот на постигнати погодоци (13). Стрелец на единствениот гол на мечот беше Адам Чиксен (65′).
Сканторп 0-2 Халифакс
После воведниот триумф од 2-1 над Јеовил Таун, Сканторп Јунајтед влезе во негативна серија од пет порази. Последниот од нив беше нанесен од страна на Халифакс, кој со денешните 0-2, ја запиша првата овосезонска победа. Гостите освоија три бодови, благодарение на Киан Спенс (38′) и на Џордан Слу (88′).
Торки 1-3 Вокинг
Вокинг дојде до половичен учинок од три победи и од три порази, откако денес го совлада Торки Јунајтед на крајниот југозапад со 1-3. Торки поведе преку Рос Маршал (65′), но во интервал од седум минути, Џејмс Дели (73′, 76′) и Џек Ролс (80′) трипати ја затресоа мрежата на Рајс Ловет.
Велдстон 0-0 Јеовил Таун
Единствениот денешен натпревар, кој заврши без голови го одиграа екипите на Велдстон и на Јеовил Таун. Велдстон остана со десетмина на теренот уште во деветтата минута, кога директен црвен картон доби Луис Кинсела. Сепак, до крајот, „Ројалс“ успеаја да се одбранат и да го освојат второто место на табелата, но во случај на победа ќе беа првопласирани.
Во останатите три одиграни дуели, Дагенам енд Редбриџ славеше со 4-1 над Бромли, Саутенд го победи Мејденхед со 2-0, а Олдам и Јорк ремизираа со 1-1. Воедно, Јорк имаше публика од 6833 гледачи што претставува нова највисока посетеност за овој клуб уште од 2004 наваму.
Во подоцниот термин од 18.15 по средноевропско време, Барнет ќе ги одмери силите со Истли.




