Селекторот Душко Николиќ го одреди составот на македонската репрезентација за настапот на Европското првенство. Во споредба со нашето дебитантско учество на континенталните самити, националниот дрес ќе го носат Лука Костиќ и Филип Савовски, покрај 12-темина коишто играа и во Љубљана.
На коректорската позиција ќе биде капитенот Никола Ѓорѓиев, а Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Деспотовски ќе се менуваат на позицијата техничар. Александар Љафтов, Владо Милев, Стојан Илиев, Лука Костиќ и Васе Михаилов се примачите на црвено-жолтите, Ристо Николов, Филип Маџунков, Филип Савовски и Славе Наков се нашите средни блокери, а либера Дарко Ангеловски и Филип Николовски. Стојче Арсов, Ефтим Ричлиев и Костадин Ричлиев тренираа со репрезентацијата од собирот на 11-ти јули, беа и на листата на пријателските натпревари, го дадоа својот придонес во подготвителниот процес, но сепак, за свое деби на европските првенства ќе чекаат друга шанса. Од тимот пред две години ги нема Милков и Андонов.
Првиот натпревар на шампионатот македонските одбојкари ќе го играат на 1 септември против домаќинот Финска. Покрај Финска за противници во групата ќе ги имаат и селекциите на Холандија, Турција, Шпанија и Русија.