
Во последното триесет и осмо коло од италијанската Серија Б беа решени сите дилеми поврзани со промоција, со пласман во плејофот и со релегација.
Со победата од 1-0 над Порденоне, благодарение на голот на Жан Мајер (46′), Лече се врати во Серија А како шампион на втората лига.
Второто место на табелата го зазеде Кремонезе, кој се врати во елитата после сезоната 1995/96.
Претставниците на Кремона, во последниот меч, го совладаа Комо со 1-2 со двата гола на Самуел Ди Кармине (28′, 47′ п.).
На третата позиција, која води во полуфиналето на плејофот, заврши Пиза, која го порази Фросиноне со 1-2 и го остави без доигрување само поради послаба гол-разлика.
За Пиза стрелаа Георге Пушкаш (16′) и Џузепе Сибили (20′), додека домаќините го преполовија заостатокот со автоголот на Максим Леверб (65′).
Исходот на мечот помеѓу Пиза и Фросиноне на табелата директно зависеше од дуелот на Монца и на Перуџа.
Имено, Перуџа славеше со 1-0, благодарение на Габриеле Ферарини (85′), кој ги испрати своите соиграчи во плејофот на местото на Фросиноне, а исто така ја остави Монца без директна промоција, носејќи ја на четвртото место.
Во доигрувањето, освен Пиза, Монца и Перуџа, ќе играат уште Бреша, Асколи и Беневенто.
Во битката за опстанок, во директен дуел, Виченца ја порази Алесандрија со 0-1 со погодокот на Себастиен Де Маио (23′) и ја испрати во Серија Ц заедно со Кротоне и со Порденоне.
Во плејаутот, Виченца ќе ги одмери силите со Козенца, која исто така се спаси од директна релегација со триумфот од 1-0 над Читадела, односно со голот на Масимо Цили (65′).