Познатиот поранешен српски одбојкар од Зрењанин, Никола Грбиќ, официјално ќе биде тренер на италијанскиот вицешампион Перуџа од наредната сезона.
Грбиќ ја започна тренерската кариера токму во Перуџа во 2014, а потоа продолжи во Верона и во полскиот клуб Закса Кендзиержин-Кожле.
Токму со Закса стана првак во Лигата на шампионите пред неполн месец, а исто така освои еден Полски куп и два Полски суперкупови.
,,Ниту јас ниту клубот [Перуџа] не сме истите како пред седум години. Се променивме кон подобро и затоа мислам дека ова ќе биде подобра авантура од претходната.”
,,Отсекогаш мислев дека ќе биде добро да се вратам во Перуџа, каде што ја започнав мојата тренерска кариера. Очигледно сега Перуџа стана топ клуб, меѓу првите во светот според буџетот, според организацијата, според навивачите и друго. Во изминатите години имавме контакти, но сепак ги немаше соодветните услови.” – гласеше дел од исказот на Грбиќ, како што пренесе италијанскиот весник ,,Кориере дело спорт”.
Намерите на клубот од Умбрија се дефинитивно шампионски, со желба за враќање на насловот од 2017/18, како и за освојување на првата титула во ЛШ.
Засега, освен Грбиќ, како главно засилување се поврзува техничарот на Трентино, Симоне Џанели, кој би требало да пристигне за цена поголема од милион евра.