Еурофарм Пелистер против норвешкиот шампион Колштад вечерва од 18:45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола ги започнува натпреварите од Лигата на шампионите во ракомет.
После цели 18 години Лигата на шампионите се врати во Битола, на задоволство на големиот број љубители на ракометот во градот на конзулите.
Капитенот Жарко Пешевски повикува со смиреност и трпение да се борат за победа против Колштад.
„Емоциите можат да бидат проблем, но може да ти даде и некоја посебна сила за да бидеш подобар и посмирен од противникот, да му зададеш удар и да се радуваш на крајот. Играме против супер екипа како Колштад. Норвежаните негуваат агресивен и динамичен ракомет. Гостуваат во Битола и ние ќе направиме сè да им ја отежнеме работата. Се работи за тим составен од повеќе норвешки репрезентативци, на чело со Сагосен. Ако сè оди по планот, имаме шанси да се надигруваме и на крајот да се радуваме. Мислам дека заслуживме да сме овде како шампиони на Македонија по осумнаесет години. Ние и фановите треба заедно добро да се поставиме и ќе бидеме светла точка која гордо ќе ја претстави Битола“ – изјави капитенот Пешевски.