Последната трка од овогодинешната сезона во МотоГП се одржа денес во Портимао, Португалија.
Сепак, истата беше само ревијална бидејќи, претходниот викенд, шампионската титула ја осигури Жоан Мир.
Во секој случај, престижот беше елементот што требаше да се освои, а истиот му припадна на Мигел Оливеира.
Португалецот ја оствари својата втора победа во МотоГП на својот домашен терен, на првата трка на патеката ,,Аутодромо Интернасионал до Алгарве” во историјата.
Дури три секунди после него, како второпласиран, на целта пристигна Џек Милер, проследен од Франко Морбидели.
Пол Еспаргаро одлично ја заврши својата авантура со ,,КТМ”, освојувајќи го четвртото место на денешната трка и петтото во вкупниот поредок, иако имаше ист број на поени како Андреа Довициозо.
Останатите возачи, кои освоија поени се: Накагами, Довициозо, Брадл, Алеиш Еспаргаро, Зарко, Крачлоу, Алекс Маркез, Вињалес, Роси, Квартараро и Ринс.
Новиот шампион, Жоан Мир, ја напушти патеката поради дефект на средина на трката.



