
Легендата на Вотфорд, Трој Дини, одлучи да го напушти англискиот премиерлигаш и да ја продолжи својата кариера во друг клуб во потрага по поголема минутажа.
Засега, најбројни се шпекулациите дека Дини ќе премине во редовите на Бирмингем, но сè уште нема официјални информации.
Дини настапуваше за Вотфорд уште од 2010, а досега одигра 419 натпревари во ,,црно-жолтиот” дрес, притоа забивајќи 140 голови.
33-годишниот напаѓач беше протагонистот во една од најепските победи на Вотфорд во полуфиналето на плејофот на Чемпионшип против Лестер во 2013, која доведе само до финален пораз на ,,Вембли” од Кристал Палас.
Сепак, Англичанецот беше назначен за капитен на ,,Стршлените” после две сезони, кога со 21 постигнат погодок му донесе промоција на Вотфорд во Премиер лигата.
Пред да се пресели на ,,Викерејџ Роуд”, Дини ги бранеше боите на Челмсли Таун, на Хејлсовен Таун и на Свиндон по хронолошки редослед.
,,Чувствувам тага и празнина, исто како кога ќе загубиш некој член од фамилијата.” – гласеше дел од прошталното видео на Дини, објавено на Твитер.
,,Сепак, се чувствувам и возбуден за мојата нова авантура и за она што ми претстои во иднина, но најмногу од сè сум горд на успесите во текот на последните единаесет години и на пријателствата што ги стекнав.”