Светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ, по третпат во низа, односно по деветти пат во кариерата, ја освои титулата на Аустралиан Опен.
Во денешното финале, Србинот ја прекина серијата од дваесет победи на Даниил Медведев, совладувајќи го со 3-0 (7-5, 6-2, 6-2).
Во првиот сет, старо-новиот шампион направи брејк во првиот и во последниот гем, притоа дозволувајќи му и еден брејк на својот ривал.
Медведев го отвори вториот сет со освоен гем на противнички сервис, но до крајот загуби уште три гемови на свој сервис за водство од вкупни 2-0 на Ѓоковиќ.
Третата партија помина целосно во знакот на српскиот ас, кој поведе со 3-0 во освоени гемови, доволни за одржување на предноста до самиот крај.
На патот до првото грен-слем финале во Австралија, Медведев ги елиминираше Васек Посписил, Роберто Карбаљес Баена, Филип Крајиновиќ, Мекензи МекДоналд, Андреј Рубљов и Стефанос Циципас.
Од друга страна, за да стигне до 18. грен-слем титула, освен Медведев, Ѓоковиќ ги порази уште Жереми Шарди, Френсис Тиафо, Тејлор Фритц, Милош Раониќ, Александер Зверев и Аслан Карацев.
📸 Imago