Третиот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во санкање на вештачки патеки се одвива во германскиот Оберхоф, а на денешната програма беше индивидуалното санкање во машка конкуренција.
На скратената патека беа поставени неколку рекорди, од кои, последниот му припадна на Јоханес Лудвиг (43,416), кој беше првопласиран после првата серија. Во однос на него, Феликс Лох (+0,039) и Роман Репилов (+0,090) заостануваа под една десетинка, а Семјон Павличенко (+0,107), Јонас Милер (+0,109), Давид Глајршер (+0,180), Доминик Фишналер (+0,183) и Нико Глајршер (+0,195) заостануваа под две десетинки.
Во втората серија, Лох го задржи својот максимален учинок од четири победи на првите четири трки, благодарение на новиот рекорд на патеката (43,290). Ситната грешка кон крајот го чинеше Лудвиг сигурна победа, па накрај мораше да се задоволи со второто место на трката и во вкупниот поредок (+0,096).
Милер отсанка одлична втора серија, којашто го ,,издигна” од петтата до третата позиција (+0,245).
Освен нив, во првите десетмина се пласираа уште: Семјон Павличенко (+0,311), Роман Репилов (+0,315), Доминик Фишналер (+0,365), Нико Глајршер (+0,465), Давид Глајршер (+0,474), Макс Лангенан (+0,579) и Волфганг Киндл (+0,621).



