
Денес, на популарниот ,,Ред Бул Ринг” беше одржана трката за големата награда на Штаерска, која претставуваше вкупно осми настан од тековната сезона на Формула 1.
На неа, по четврт пат сезонава, славеше Макс Ферстапен, кој го зголеми своето водство во генералниот поредок во однос на Луис Хамилтон.
За возачот на ,,Ред Бул”, ова беше трет триумф на последните четири трки, односно четврта победа во низа за неговиот тим.
Хамилтон не успеа да му се приближи на Холанѓанецот и рутински го освои второто место, пред својот клупски колега – Валтери Ботас.
На четвртата позиција се пласираше вториот возач на ,,Ред Бул”, Серхио Перез, кој воедно беше последен пилот што заостануваше помалку од еден круг во однос на победникот.
Пласманот во топ 5 го заокружи Ландо Норис, после кој следуваше двоецот на ,,Ферари” – Карлос Саинц и Шарл Леклер.
Ленс Строл, Фернандо Алонсо и Јуки Тсунода го комплетираа распоредот на првите десетмина.