Откако доживеа шокантна елиминација од ФА Купот од петтолигашот Борам Вуд, Вимблдон им пружи уште едно негативно искуство на своите навивачи.
Имено, во заостанатиот меч од дванаесеттото коло на англиската Лиг 1, момците од ,,Плаф Лејн” загубија со 1-0 од најголемите ривали – МК Донс.
Анимозитетот помеѓу двете екипи е огромен поради фактот дека во 2003, лондонскиот Вимблдон беше преместен во градот Милтон Кинс и беше преименуван во МК Донс.
Лондонските навивачи, во знак на револт, формираа нов клуб, АФК Вимблдон, кој од деветтата, се искачи дури до третата лига.
За двете ,,истоимени” екипи, ова беше вкупно дванаесетти меѓусебен дуел во историјата, на кој, МК Донс го запишаа седмиот триумф.
Стрелец на единствениот погодок на мечот беше Метју О’Рајли (29′), кој се запиша во листата на стрелците по седми пат сезонава.
Проблемите за гостите се зголемија седум минути подоцна, кога Неста Гинис-Вокер (36′) заработи втор жолт картон и го остави својот тим со десетмина на теренот.
На табелата, МК Донс скокнаа на петтото место, додека Вимблдон е дваесетти со два бода предност во однос на опасната зона.