Фудбалот е еден од најстарите спортови што се практикува уште од деветнаесеттиот век, барем што се однесува до Велика Британија. Низ целата речиси двовековна историја, екипите запишувале огромни победи. Сепак, рекордот потекнува од Шкотска.
Имено, на 12 септември 1885, во рамките на првата рунда од шкотскиот ФА Куп, силите ги одмериле сегашниот второлигаш Арброут и веќе непостоечкиот клуб Бон Акорд.
Арброут бил основан уште во 1878 и веќе имал стекнато разни искуства и поседувал квалитетни играчи за разлика од својот ривал, кој бил стар само една година. На овој меч, Арброут славел со 36-0, а резултатот на полувремето изнесувал 15-0.
Најефикасен бил осумнаесетгодишниот Џон Петри, кој забележал дури тринаесет голови. Неговиот рекорд е сè уште важечки, но сега го дели со Австралиецот Арчи Томпсон, кој постигна ист број на погодоци на 11 април 2001 во квалификациите за СП 2002, кога Австралија ја понижи Американска Самоа со 31-0.
Голманот на Арброут на овој меч, Џим Милн Сениор, немал ниту еден контакт со топката и го поминал речиси цел меч надвор од теренот, криејќи се од дождот што беснеел во тие мигови во Шкотска. Од другата страна бранел несреќниот Ендру Лорни.
Во истиот ден, лесно можело да се случи да биде срушен рекордот за најубедлива победа. На само дваесет и девет километри оддалеченост, својот дуел го одиграле Данди Харп и Абердин Роверс. Составот од Данди славел со 35-0, иако првично судијата регистрирал резултат од 37-0, кој подоцна бил сменет од страна на неговите помошници.
Во истото издание на шкотскиот ФА Куп, во втората и во третата рунда, Арброут запишал убедливи победи и против Данди Ист Енд (9-1), односно географскиот ривал Форфар (9-1). Сепак, „небесно сините“ биле запрени во четвртата рунда од тогашниот полуфиналист Хиберниан, со резултат од 5-3. Истата година, трофејот го освоил составот на Квинс Парк, кој, во финалето, со 3-1, бил подобар од Рентон.
Освен гореспоменатиот дуел, над триесет и пет голови паднале на повеќе средби, но сите се со аматерски карактер (и затоа не се официјално признаени). Овде спаѓаат средбите:
1. Карпати Мирса 41-0 Авинтол Дирлос (декември 2000)
2. Пелилео Спортинг Клуб 44-1 Инди Нативе (мај 2016, еквадорска трета лига)
3. ТПС 2 Виногради 46-0 Биг Шоу ФК (2 август 2020, регионална квалификациска рунда на Полскиот Куп)
Голема полемика се води помеѓу наведениот шкотски натпревар и еден натпревар од мадагаскарската лига. Имено, во африканската држава, на 31 октомври 2002, АС Адема славел со 149-0 над СО л’Емирн, во натпревар каде што номиналните гости си дале сто четириесет и девет автоголови во знак на протест против претходна судиска одлука.