Англиската фудбалска култура датира од средината на деветнаесеттиот век, кога се основани првите фудбалски клубови на островот, а воедно и во светот. Фудбалот, во областа Дербишир во регионот Мидлендс, се раширил во втората половина на горенаведениот деветнаесетти век, а веќе во 1878, едно мало гратче со нешто помалку од десет илјади жители го добил и својот прв фудбалски клуб. Станува збор за гратчето Метлок односно Метлок ФК – тимот чијшто стадион важи за еден од најидиличните во англискиот фудбал.
Почетна историја:
Иако бил основан во 1878, Метлок почнал да се натпреварува во ФА Купот дури во 1885, но не успеал да оствари ниту една победа во воведните години. Во 1890, бил еден од основачите на Дербишир Сениор Лиг, а воедно бил и шампион во првите две сезони. Во 1892, клубот се приклучил во Мидленд Аматер Алијанс, но по крајот на инаугуралната сезона, истата се распаднала и Метлок се вратил во Дербишир Сениор Лиг.
Во 1894, Метлок направил друга авантура во нова лига. Имено, се приклучил во Мидленд Лиг, но ја завршил сезоната со 28 порази од исто толку натпревари, па повторно се вратил во Дербишир Сениор Лиг.
Метлок во дваесеттиот век:
Веднаш по завршувањето на Првата светска војна, клубот го добил денешното име – Метлок Таун ФК. Во 1924, Метлок се приклучил во Централ Алијанс, но една година подоцна и ова натпреварување се распаднало, па клубот по третпат се вратил во својата матична лига. Во 1926/27, Метлок бил вицешампион на Дербишир Сениор Лиг, а во 1933 се приклучил во Централ Комбинејшн. После две сезони, ја напуштил и оваа лига, а по крајот на Втората светска војна, изиграл една сезона во Честерфилд енд Дистрикт Лиг.
Во 1947, популарните „Гладијатори“ се приклучиле во Централ Алијанс. Оваа лига, во 1950 се поделила на две дивизии, а Метлок бил избран да се натпреварува во првата, притоа забележувајќи два пласмани на последната позиција (1951/52 и 1955/56), но без да биде релегиран.
Во 1956, лигата доживеала нова реформација, а овој клуб почнал да се натпреварува во новоформираната дивизија наречена Централ Алијанс Дивижн 1 Норт. Во 1960/61 ја освоил оваа дивизија и за првпат во историјата се пласирал во првата рунда на ФА Купот каде што изгубил од Крук Таун со 1-0 после реванш. Наредната сезона, Метлок повторно ја освоил истата дивизија и се пласирал во Мидленд Лиг.
Уште првата сезона како член на оваа лига, Метлок бил крунисан за шампион, а истиот учинок го повторил во 1968/69 и бил промовиран во Нортерн Премиер Лиг.
Последните педесетина години:
Сезоната 1974/75 била една од најуспешните на клубот од Дербишир. Имено, повторно успеал да се пласира во првата рунда на ФА Купот, но овој пат загубил со 4-1 од Блекбурн Роверс. Истата сезона, бил освоен и најзначајниот трофеј – ФА Трофи. Во првата средба од полуфиналето, Метлок на домашниот стадион „Козвеј Лејн“, го забележал рекордниот број на гледачи – 5123. На овој натпревар, „Гладијаторите“ биле поразени со 0-1 од соседниот Бартон Албион, но во реваншот победиле со 0-2 и се пласирале во финалето. Финалето било одиграно на „Вембли“, а Метлок со убедливи 4-0 го совладал Скарбороу. Победникот од одиграното финале ќе остане запаметен во историјата по фактот дека бил првиот клуб, кој на еден финален натпревар на „Вембли“ извадил на теренот тројца браќа. Станува збор за Том, Мик и Ник Феноути.
Една сезона подоцна, Метлок, во првата рунда од ФА Купот, го поразил Виган со 2-0, а во втората рунда славел над Мансфилд Таун со 2-5. Овој натпревар бил прв во клупската историја на кој, „Гладијаторите“ успеале да слават над тим кој е член на професионалниот англиски фудбал (првите четири лиги). Во тој период, Мансфилд бил шампион на четвртата лига. Сепак, во третата фаза изгубиле со убедливи 5-1 од Карлајл Јунајтед. Третата рунда сè уште останува најдалечниот пласман на Метлок во најстарото клупско натпреварување.
Сезоната 1977/78 донела три трофеи во малото гратче. Имено, Метлок ги освоил Нортерн Премиер Лиг Челенџ Куп, Питер Свејлс Шилд и Дербишир Сениор Куп – три локални натпреварувања.
Во 1979, Метлок се натпреварувал и во Англо-италијанскиот Куп и стигнал до втората позиција во англиската категорија. Веќе во 1983/84, клубот бил вицешампион на Нортерн Премиер Лиг. Истата лига, во 1987, се поделила на две дивизии, Премиер Дивижн и Дивижн 1, при што Метлок бил приклучен во Премиер Дивижн.
Во 1995/96, клубот од Дербишир бил релегиран во Дивижн 1, а во 2003/04 повторно изборил промоција во Премиер Дивижн како вицешампион.
Во 2004/05, по вторпат и засега последен во клупската историја, бил освоен Нортерн Премиер Лиг Челенџ Куп, а во 2006/07, Метлок го имал и најдобриот пласман во своето постоење. Имено, сезоната ја завршил како петтопласиран тим во Нортерн Премиер Лиг Премиер Дивижн (седма лига), но во плејофот бил елиминиран од Витон Албион. Последниот трофеј на клубот, заклучно со сезоната 2019/20, е освоениот Дербишир Сениор Куп во 2016/17 по десетти пат.
Сите трофеи на Метлок:
ФА Трофи (х1) – 1974/75
Нортерн Премиер Лиг Челенџ Куп (х2) – 1977/78 и 2004/05
Питер Свејлс Шилд (х1) – 1977/78
Мидленд Лиг (х2) – 1961/62 и 1968/69
Централ Алијанс Дивижн 1 Норт (х2) – 1959/60 и 1960/61
Дербишир Сениор Лиг (х2) – 1890/91 и 1891/92
Дербишир Сениор Куп (х10) – 1974/75, 1976/77, 1977/78, 1983/84, 1984/85, 1991/92, 2003/04, 2009/10, 2014/15 и 2016/17
Еванс Холшоу Флудлит Куп (х2) – 1988/89 и 1990/91