Македонските одбојкари ја совладаа Црна Гора со 3:0 (25:21, 28:26, 25:19) на отворањето на 45-то издание на традиционалниот меморијален турнир „БранкоХаџииљоски – Чајка“. Со две серии на крајот на првиот и на вториот сет од 6:0, односно од 6:1, нашата репрезентација изгради предност од 2-0 во сетови, а вотретиот создаде позитива од 12:7, по што лесно ја заокружи четвртата победа во шестиот меѓусебен дуел со Црногорците.
Противникот грешеше многу, ние игравме разновиден напад, Милев и Никола Ѓорѓиев имаа одличен процент на реализација, центрите беа стандардни, Љафтов фати приклучок во секој елемент, а тое е рецепт за убедлив триумф. Капитенот Никола Ѓорѓиев беше најефикасен со 16 поени (15 од напад и 1 блок), Љафтов заврши со 13 (7 од напад, 3 блока и 3 аса), Милев освои 10 (сите од напад), Николов придонесе со 6 (3 од напад и 3 блока), Маџунков со 5 (сите од акција), а Ѓорѓи Ѓорѓиев забележа два блока. Кај Црна Гора најопасни беа Чачиќ и Чулафиќ со по 13 поени.
Со оглед дека Израелците ја напуштија Македонија поради позитивни членови на Ковид-19 во нивниот тим, наместо планираните шест ќе има само три натпревари на турнирот. Утре Црна Гора ќе се сретне со Словачка, а в сабота Македонија ќе се тестира против уште еден учесник на претстојното Европско првенство – селекцијата на Словачка.



