Во пораниот денешен термин од 42. коло на англискиот Чемпионшип беше одиграно фамозното ,,М1 Дерби” помеѓу Вотфорд и Лутон.
На 26 септември 2020, двете екипи се соочија за првпат после сезоната 2005/06 и тој дуел го доби Вотфорд со минимални 0-1.
Токму истиот резултат го одбележа и денешното јубилејно 120. издание, но овој пат во корист на Лутон, кој дојде до 38. победа над Вотфорд, односно прва после 17 септември 1994 (2-4).
На мечот, ,,Шеширџиите” беа поконкретни од ,,Стршлените” во речиси секој сегмент на статистиката.
Сето тоа беше капитализирано од гостите во 78. минута, кога Џејмс Колинс погоди од пенал само шеесетина секунди откако влезе во игра.
Надежите на Вотфорд пропаднаа на две минути до крајот, кога втор жолт картон доби Кико Феминија.
На табелата, домаќините останаа на второто место со огромни шанси за враќање во Премиер лигата, додека Лутон се наоѓа на тринаесеттата позиција.
📸 Richard Heathcote/Getty Images