
Во чест на новогодишните и на божиќните празници, соколарот Трајче Китановски и авторот Весна Константинова решија да ги изненадат своите фанови со заедничка наградна игра.
Весна Константинова е дипломиран фармацевт и автор на познатите книгички за деца со македонскиот рис Ристе. Минатата година таа започна акција под мотото ,,БИДИ ХУМАН, СПОДЕЛИ РАДОСТ, ИЗРАДУВАЈ НЕПОЗНАТО ДЕТЕ” со цел, макар и за кратко, да ги врати насмевките на лицата на децата од ранливите категории.
Како резултат на оваа акција, со поддршка од многу лица и претпријатија, подарени беа над осумстотини книги со рисот Ристе на територијата на цела Македонија.
Акцијата ,,БИДИ ХУМАН, СПОДЕЛИ РАДОСТ, ИЗРАДУВАЈ НЕПОЗНАТО ДЕТЕ”, поради големиот интерес и успех во нејзината реализација, сè уште е во тек и речиси секојдневно добива нови поддржувачи.
Од друга страна, Трајче Китановски е најпознатиот македонски соколар, кој зад себе има бројни проекти и бројни гостувања на националните телевизии.
Негов придружник на сите настани е најпознатиот македонски јастреб, Хари, кој е дел од многубројни видеозаписи.
На Фејсбук страните на Хари и на рисот Ристе (,,Falconry Macedonia – Harry Hawk” и ,,Risot Riste i prijatelite”) може да се најде објавата преку која, со исполнување на неколку едноставни чекори, можете да добиете интересни награди – книга, постер и чоколади.
Наградна игра: https://www.facebook.com/106163327593209/posts/472827314260140/?sfnsn=mo
Книгата што ќе биде подарена, се нарекува ,,Рисот Ристе” и е напишана токму од Константинова, која на најдобар начин и најсфатлив за најмладата публика, ги претставува авантурите на протагонистот.
Од друга страна, на постерите ќе биде прикажан ликот на јастребот Хари, кој, заедно со замислениот рис Ристе, дополнително ја стимулира љубовта кон животните.

Сепак, на читателите исто така ги интересира приказната како се запознаа Ристе и Хари и како дојдоа до идејата за заедничка соработка. Затоа ја прашавме Весна како се запознаа со Трајче и од каде дојде идејата за заедничка соработка.
Верувам дека во животот ништо не е случајно, ниту средбите со луѓето ниту моментот од времето кога тие се случуваат. Некои велат дека универзумот наоѓа начин да ги поврзе оние со слични цели и сфаќања и тоа во вистинското време. Така можеби е токму и во нашиот случај.
За Трајче немам слушнато премногу, но благодарение на порталите и на медиумите и пред да го запознаам лично, секако дека знаев за кого станува збор.
Уникатноста на неговата работа како соколар, сознанието дека ги сака животните и дека како фудбалски тренер и тој има искуство во работата со деца, беше доволно при првиот наш разговор спонтано да се појават дури и неколку идеи за заедничка соработка.
Едноставно како преку ноќ, нам ни се споија патиштата, сè се случи неочекувано брзо и во првиот понеделник од Новата Година ние веќе имавме обезбедено награди за учесниците и го објавивме почетокот на нашата прва заедничка наградна игра.
Оваа наградна игра ќе трае до 13 јануари и токму затоа ја користам оваа можност да ги повикам сите љубители на животните да ги заследат нашите фан-страни и да се вклучат во неа.
Доделуваме десет книгички со рисот Ристе, десет постери со јастребот Хари и десет чоколади. Затоа нема што да чекате – вклучете се веднаш!
Ако треба со една реченица да ви одговорам на прашањето што е она што токму на почетокот на оваа година нè здружи двајцата нас, би рекла дека тоа е заедничката наклонетост кон животните и кон децата и желбата да изненадуваме и да споделуваме радост.
Секогаш велам дека заедно сме посилни. Дали нашата соработка ќе продолжи и во иднина, сега нема да откриеме, но останете во добро здравје и секогаш бидете во тек!

Сепак, екипата на ,,Јави се јужна” не застана овде, туку, во врска со соработката, го исконтактира и соколарот Китановски.
,,Секогаш кога ќе се случи ваква соработка сум среќен. Знаете дека добро ги одбирам луѓето со кои соработувам, а и не по секоја цена влегувам во било кој проект. За рисот Ристе и за Весна имав слушнато и знаев за книгите, од медиумите, но не повеќе од тоа. Спонтаните работи мислам дека се најубави, па некако така се случи и нашата приказна, која верувам нема да заврши тука. Нас нè споија нашите животни (хаха), а кога сето тоа се прави со љубов за децата – успехот е неизбежен, успехот во цена на насмевките и среќата на најмладите, а и секако дека имаме повод да го направиме тоа – Нова година и новогодишните празници.” – се огласи и Китановски.
,,Можеби и не би требало да најавувам отсега, од причина што рисот Ристе може лесно да ме изеде (хаха), но еве ќе ризикувам и ќе ви најавам ексклузивно – наскоро очекувајте нешто спектакуларно од нас двајца.” – соколарот за крај го побуди интересот кај публиката.
На прашањето дали може да ни открие подетални информации, низ смеа Трајче искоментира:
,,Верувајте и со ова ризикував многу, сепак рисот е исто така диво животно и предатор и не би сакал пред време да говорам било што во интерес на сопствена безбедност.”
Линк од Фејсбук страната на јастребот Хари: https://www.facebook.com/Falconry-Macedonia-Harry-hawk-352212982613293/
Линк од Фејсбук страната на рисот Ристе и пријателите: https://www.facebook.com/Risot-Riste-i-prijatelite-106163327593209/





