Третото коло од шкотскиот Чемпионшип (требаше да) го отвори дербито на Фајф помеѓу Реит Роверс и Данфермлин Атлетик.
Двете екипи важат за најуспешни во регионалните дербија на оваа област, во која спаѓаат уште Ист Фајф, Кауденбит и Келти Хартс.
Сепак, при резултат од 0-0, нивниот дуел беше прекинат во дванаесеттата минута, поради локални проблеми со електричната енергија во близина на стадионот ,,Старк’с Парк”.
Имено, шкотската полиција беше приморана да го стопира натпреварот, откако настана проблем со струјата во Киркалди и на стадионот, освен рефлекторите, не функционираа ниту безбедносните аларми и семафорот.
Датумот за преигрување на дербито засега е сè уште необјавен, а позитивна страна за гостите е што ќе треба да патуваат само дваесет километри.