Екипите на Ексетер и Колчестер ги одмерија силите во полуфиналето на плејофот на англиската Лиг 2. Имено, двата клубови се бореа за пласман во финалето кое ќе го одреди четвртиот патник во Лиг 1. Во првиот полуфинален дуел, Колчестер, како домаќин, славеше со 1-0 благодарение на голот на Коен Брамал.
На реваншот, Ексетер беше домаќин и дојде до победата од 3-1 дури после продолженија. Најпрво, „црвено-црните“ поведоа преку Арон Мартин во 10., а во 58. минута Џејден Ричардсон зголеми на 2-0. На дванаесет минути пред крајот, Куртни Сениор постигна гол за Колчестер и намали на 2-1 односно резултат кој гарантира продолженија имајќи во предвид дека не важи правилото за гол во гости.
Во последната минута од регуларниот дел, Кваме Поку имаше шанса да му донесе пласман во финалето на Колчестер, но Џон Мекстед, голманот на Ексетер, успеа да одбрани неверојатен „зицер“.
Во продолженијата, Ексетер потполно доминираше, а голот на Рајан Боумен во 111. минута беше клучен за пласман во финалето.
Во финалниот дуел, Ексетер ќе ги одмери силите со победникот од двобојот помеѓу Нортемптон и Челтенам.