Лос Анџелес Лејкерс со ангажманите на Марк Гасол, Денис Шрудер и Весли Метјус најавува одбрана на тронот во НБА-лигата по освоената 17-та титула во ланската сезона. Меѓутоа, постои теорија според која Езерџиите ќе бидат значително посилни, дури незапирливи доколку планот им се оствари.
Новинарот на ЕСПН, Брајан Виндхорст, разоткри зошто Ентони Дејвис излезе на пазарот како слободен играч. Јасно е дека целта на ѕвездата од ЛА е да добие побогат договор, но Виндхорст тврди дека се крои финансиски план со цел да се обезбедат средства за ангажман на Јанис Адетокумбо во 2021 година.
Наместо повеќегодишен договор, Дејвис би прифатил едногодишен договор со опција да се продолжи на уште една година, сето тоа проследено со излегување на Леброн Џејмс од максималниот договор во последната сезона од соработката со Лејкерс.
На тој начин двете ѕвезди на Езерџиите би заработувале далеку помалку во сезоната 2021/22, а на таа жртва се подготвени само за да се обезбедат услугите на двократниот МВП. Доколку планот се оствари Лејкерс ќе доминираат во НБА лигата.



