Македонската ракометна репрезентација денеска ја започнува мисијата „Словенија“, подготвувајќи се за двата квалификациски натпревара за Европското првенство 2026. Првиот дуел е закажан за среда, од 20:00 часот, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, каде нашите ракометари ќе се обидат да дојдат до позитивен резултат.
Капитенот Филип Кузмановски нагласи дека Словенија е исклучително квалитетен противник, со реномирани играчи, и дека тимот е свесен за важноста на овој натпревар. „Играме на домашен терен и очекуваме салата да биде полна, што ќе ни биде дополнителна мотивација. Тоа веќе го покажавме на претходните квалификациски натпревари, како против Фарски Острови“, изјави Кузмановски.
Тој додаде дека македонската репрезентација е млада и борбена, што беше докажано и на последното Светско првенство. „Имам чувство како да сме на првенство. Мотивирани сме и знаеме колку се боревме и колку уште треба да покажеме. Верувам во тимот и посакуваме победа против Словенија во среда,“ рече капитенот.
Кузмановски истакна дека искуството од Светското првенство ги зацврстило како тим и им ја зголемило самодовербата. „Долго време сме заедно и добро се познаваме. Нашиот настап на првенството многу ни значеше, особено затоа што имаме играчи кои играат важна улога во своите клубови. Тоа беше нашата предност што бевме конкурентни на мундијалот. Имаме неколку дена да ја анализираме Словенија, ќе работиме на секој детал. Словенија секогаш е дел од големите натпреварувања и целат кон медал,“ додаде тој.
Македонија досега во групата има една победа против Естонија и еден пораз од Литванија. Селекцијата, предводена од Кирил Лазаров, ќе се обиде да извлече максимум од престојните дуели за да ја зацврсти својата позиција во квалификациите.




