МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – КУМАНОВО 2009 76:83
Мошне изедначен меч во големата сала на СЦ „Јане Сандански“ одиграа вечерва екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Куманово 2009. Макар што во првото полувреме домашната екипа имаше постојана предност која на полувремето изнесуваше седум поени (39:32).
Но работите на теренот почнаа да се менуваат во третата четвртина. Минути во кои доминација остварија кошаркарите од Куманово.
„Сино-белите“ од Куманово направија пресврт во тој дел од играта. Ја анулираа негативата, дури и преминаа во водство (55:54) пред истекот на тој дел од играта, кој сепак заврши со нерешени (55:55) по едно реализирано слободно фрлање на Магдевски.
Последниот дел почна со размена на тројки, на двете страни, но нерешениот резултатот остана. По три минути игра, беше (64:64).
Погодуваа, Ливингстон, Црниќ, Марковски на гостинската, но и Карачиќ и Магдевски од домашната страна, која најголемата предност, во тој дел од играта, од четири поени (70:66), ја имаше две минути подоцна.
Во иста ситуација беше и екипата од Куманово, која на 2:30 минути пред крајот „сврте“ на (74:70). Со тројка, намали Мекиќ (73:74), но во последната минута од овој меч, исполнет со доста промени на водството, се влезе со резултат (73:76) за гостите.
Таа разлика и ја зголемија, откако прво Андрејевиќ даде едно слободно фрлање, а Ѓекиќ ја заби топката во кошот на противникот за (79:73), на 18.секунди пред крајот.
Но крајот не беше близу, затоа што прво Тарнер, со „два плус еден“ игра, го остави МЗТ Скопје Аеродром во игра (76:79). Ама послендата шанса им ја однесе „неспортската“ на капитенот Стојановски од која профитираше Марковски, а потоа и Ливингстон.
За двете екипи ова беше и 21. меч во регуларниот дел од сезоната. Им останува уште еден за да „определат“ од која стартна позиција ќе влезат во доигрувањето за шампионската титула.
Со овие два бода, а пре дпоследниот натпревар, оној против Вардар, кумановци се израмнија се израмнија со ефектот кој го имаат екипите на ТФТ и на Гостивар (12-9), кои утре вечер во меѓусебен дуел, во Гостивар, ќе одлучат кој ќе ја има, макар и привремено позицијата број 5.
А по овој седми пораз во сезоната, екипата од Аеродром ја испушти можноста да се бори и за првата позиција. Сега ја дели третата со екипата на Еуро Никел 2009 (скор 15-7). За две вечери, ги чека уште еден меч, против Црн Дрим Грин мобиле, кој мора да го добијат за да останат на тоа место.