Второто коло од новата Чемпионшип сезона го отворија екипите на Ковентри и на КПР на „Ст. Ендру’с Стадиум“, привремениот дом на „небесно сините“, кои, како шампиони на Лиг 1, се вратија во второлигашкото друштво после осум години.
Натпреварот почна со релативно низок интензитет, но сè се смени во 40. минута, кога КПР доби пенал по неспретната реакција на Кајл МекФадзен, капитенот на Ковентри. Од белата точка, прецизен беше Линдон Дајкс, новото засилување од Ливингстон, кој веќе на два натпревари во низа постигна погодок.
До крајот на полувремето, односно во 44. минута, Метју Гоуден израмни за Ковентри, со исто така вториот гол во првите две кола.
„Домаќините’ го комплетираа својот пресврт во 50. минута со голот на Калум О’Хер, кој одлично се снајде во противничкиот шеснаесетник.
Јоан Барбе повторно го врати тимот од Лондон во игра, со израмнувачкиот погодок за 2-2 во 76. минута. Само девет минути подоцна, МекФадзен се исправи за направениот пенал од првото полувреме со првиот гол во дресот на Ковентри за конечни 3-2.
За Ковентри, ова беше прва победа во Чемпионшип после 31 март 2012, кога славеше над Хал Сити со 0-2, а исто така, дополнителна причина за славење има и тренерот Марк Робинс, кој за првпат во кариерата, од седмиот обид, успеа да го порази тимот на КПР.
Во првото коло, КПР го порази фаворизираниот Нотингем со 2-0, а Ковентри тесно загуби од Бристол Сити со 2-1, така што, после две одиграни кола и двете екипи имаат по три освоени поени.



