
За првпат после 2016, Рос Каунти остана непоразен против Ренџерс, откако во 24. коло од шкотскиот Премиершип, ремизираше со 3-3.
На мечот беа комплетирани два пресврти, по еден и на двете страни, а голеадата ја започна Амад Диало (5′).
Ивориецот е член на Манчестер Јунајтед и пред два дена беше доведен на позајмица во шкотскиот гигант, а му беа потребни само пет минути за дебитантскиот погодок во новата средина.
До крајот на првото полувреме, Џордан Вајт (25′) и Реган Чарлс-Кук (29′) искористија две противнички грешки и му донесоа водство на домашниот состав.
Ренџерс влегоа фуриозно во вториот дел и бројните прилики ги крунисаа со головите на Џејмс Таверниер (49′) и на Конор Голдсон (72′) за водство од 2-3.
Иако се чинеше дека гостите ќе дојдат до дванаесеттата последователна победа на меѓусебните дуели, фудбалерите на Рос Каунти не се предадоа и израмнија преку резервистот од клупата, Метју Рајт (90+6′), во завршните мигови од натпреварот.
Ренџерс останаа на првото место на табелата со натпревар повеќе во однос на Селтик, но, во пресрет на претстојното ,,Олд Фирм Дерби”, разликата помеѓу двата најголеми ривали би можела да изнесува само еден бод.
Од друга страна, Рос Каунти е десетти, оставајќи ги зад себе само Данди ФК и Ст. Џонстон.




