Тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, смета дека не смее да се потцени ниту една екипа што доаѓа од Хрватска, актуелниот европски вицешампион.
“Се работи за една полудиригирана ждрепка, па можеше и да се предвиди кој би можел да биде нашиот противник. Се работи за екипата на Спачва од Винковци, која доаѓа од Хрватска, а тоа е земја која е актуелен вицешампион на Европа. Затоа не смееме да го потцениме противникот и нема да се опуштиме. Засега немаме квалитетни информации за нашиот ривал, но ќе се обидеме што е можно побрзо да успееме да дојдеме до нив.
Средбата со Спачва ќе ни биде првиот официјален натпревар во новата сезона. Сосема извесно е дека сакаме да влеземе добро во сезоната, но сакаме во следниот петнеделен период и да оформиме игра по која Металург ќе биде препознатлив. Наша примарна цел е настап во групната фаза на Лига Европа“, изјави Зоран Кастратовиќ.