
Од денес, официјално започна новата сезона од Светскиот куп во ски скокови во машка конкуренција со квалификациите во Нижњи Тагил, Русија.
Во пресрет на првиот компетитивен настан, како победник излезе Камил Штох, кој скокна 135 метри и освои 128,5 поени.
Зад него беше пласиран најдобриот Словенец, Анже Ланишек (129 метри), а подиумот го комплетираше Австриецот Даниел Хубер (127,5 метри).
Во продолжение, пласман во првите десет изборија уште: Рјоју Кобајаши, Карл Гајгер, Маркус Шифнер, Јукија Сато, Штефан Лаје, Килијан Пајер и Мануел Фетнер.
Од фаворитите, најголемото разочарување го приреди Штефан Крафт, кој заврши на 53. место и не успеа да се пласира во првата серија од утрешното премиерно натпреварување.
Наместо него, од балканските простори, дури двајца ќе скокаат за првите бодови во своите кариери – Турчинот Фатих Арда Ипчиоглу и Романецот Андреј Фелдореан.