
За првпат во својата историја, крикетарите на Нов Зеланд се пласираа во финале на Светското првенство во Т20 крикет.
Во полуфиналето, популарните ,,Блек кепс” ги совладаа шампионите од 2010, Англија, со резултат од 166/4 (20) – 167/5 (19).
Англија го започна турнирот со четири последователни победи, но во последното коло од групната фаза загуби од ЈАР, пред денес да доживее елиминација во првиот плејоф натпревар.
За Нов Зеланд, ова беше прва меѓусебна победа во најкраткиот формат после цели две години, а истата дојде со неверојатниот финиш на вториот ининг, кога во последниот оувер постигнаа 20 поени.
,,Автор” на 19 поени од оваа серија беше воедно и најефикасниот играч на победничкиот состав, Дарил Митчел, кој освои дури 72* трчања, односно 26 повеќе од неговиот соиграч – Девон Конвеј (46).
Од англиските фрлачи, Лиам Ливингстон (2-22) и Крис Воукс (2-36) освоија по два викети.
На спротивната страна, во првиот ининг, најдобри фрлачки перформанси имаше Џејмс Нишам (1-18), а од удирачите на Англија, најефикасни беа Моен Али (51*) и Давид Малан (41).
Во големото финале, Нов Зеланд ќе ги одмери силите со победникот од дуелот помеѓу Пакистан и Австралија.