Претпоследната трка од Светското првенство во алпско скијање во женска конкуренција се одвиваше денес во дисциплината велеслалом во Кортина д’Ампецо.
На неа, Швајцарија го освои деветтиот медал, односно третиот златен, во името на Лара Гут-Бехрами (2:30,66), која стана нова светска шампионка во велеслалом, по освоената круна во супервелеслалом пред една недела.
Првопласираната после првата серија, Микаела Шифрин, дојде до второто светско сребро во оваа дисциплина со заостаток од само две стотинки.
Третата позиција ѝ припадна на шампионката во паралел, Катарина Линсбергер (+0,09), којашто ѝ го донесе на Австрија петтиот медал од тековното СП.
Во првата серија, со освоеното второ место, вистинска сензација приреди Нина О’Браен, која беше блиску до медал, но поради грешката во финишот, мораше да се задоволи со десеттото место (+1,80).
Најголем пех за домашната селекција, освен потфрлувањето на Марта Басино (+2,28), беше пропустот на Федерика Брињоне, којашто не ја заврши првата серија.
Освен новите медалистки и Нина О’Браен, пласман во топ 10 изборија уште: Алис Робинсон (+0,73), Рамона Зибенхофер (+1,26), Марина Гасиеница Даниел (+1,53), Теса Ворли (+1,64), Венди Холденер (+1,68) и Рагнилд Мовинкел (+1,70).
📸 Johann GRODER / EXPA / APA / AFP