Дваесет и второто коло од англискиот Чемпионшип го отворија екипите на Хадерсфилд и на Ковентри со меѓусебниот дуел на ,,Кирклис Стадиум”.
Истиот, по четврти пат во низа, односно по шести пат во историјата, заврши со нерешен резултат, односно со 1-1.
Хадерсфилд поведе во осумнаесеттата минута, откако Дени Ворд го постигна петтиот овосезонски погодок.
,,Териерите” веќе почнаа да ја слават деветтата меѓусебна победа над Ковентри, но нивната радост ја прекина Метју Годен.
Имено, вториот најдобар голгетер во гостинските редови го матираше Ли Николс во третата минута од судиското продолжение и го избори четвртото реми за својот тим на последните пет средби.
На табелата, со натпревар повеќе во однос на конкурентите, Ковентри го зазема седмото, а Хадерсфилд – деветтото место.