
Тимските спринтови во машка и во женска конкуренција ја исполнија денешната програма, кога е во прашање крос-кантри на ЗОИ 2022.
Кај мажите, очекувана победа остварија Норвежаните (19:22,9), односно Ерик Валнес и Јоханес Клебо.
На втората позиција се пласираше Финска (+2,6) претставена од Ииво Нисканен и од Јони Меки, а со бронза замина Русија (+4,4) т.е. Александер Болшунов и Александер Теренцев.
Од друга страна, Норвежанките немаа среќа како своите сонародници и завршија на осмото место, откако при третата измена, пукна стапот на Тирил Уднес Венг.
Во оваа категорија, најголемото изненадување го приредија Германките (22:09,8) Катарина Хених и Викторија Карл, кои и’ го донесоа првото злато во крос-кантри на својата нација после 2010.
Втората позиција, во неверојатен финиш, ја зазеде Шведска (+0,2), а Русија остана ,,само” со второто денешно бронзено одличје.
За Шведска скијаа најдобрите спринтерки во Светскиот куп, Јона Сундлинг и Маја Далквист, додека за Рускиот Олимписки Комитет настапија Јулија Ступак и Наталија Непрјаева.




