Поранешниот играч за врска на Јувентус и Милан, Антонио Ночерино, како што пренесува „Евритинг Наполи“ се огласи со интересна изјава:
„Најмногу се каам бидејќи не играв за Наполи, а со тоа не го остварив мојот сон и сонот на татко ми. Никогаш не ми се пружи таква прилика, но би сакал да играм за тимот од градот од којшто потекнувам, па дури и во Серие Д.“
Антонио Ночерино е роден во Неапол, но фудбалските чекори ги започнал во младинската академија на Јувентус. Низ кариерата, го носеше дресот на голем број екипи од Серие А и Серие Б како што се Јувентус, Милан, Џенова, Беневенто, Палермо и Пиаченца. Освен во Италија, имаше кратки авантури и во Вест Хем (Англија) и во Орландо Сити (САД). За сениорската репрезентација на Италија одигра вкупно петнаесет натпревари вклучувајќи ги Еуро 2012 и ОИ 2008. Моментално Ночерино е тренер на академијата на Орландо Сити.



