Британската тенисерка Франческа Џонс, која е родена со реткиот синдром ектродактилија-ектодермална дисплазија (ЕЕЦ), првпат во кариерата се пласира на Грен Слем турнир.
Таа успешно ги мина квалификациите кои се играа во Дубаи и од 8 февруари ќе биде дел од главниот турнир во „Мелбурн парк“, познат како Отворено првенство на Австралија.

Франческа Џонс е 20-годишна тенисерка и на рацете има само осум прсти наместо десет, а на нозете има вкупно само 7 прсти. Целото рано детство го минала по болници и на операции, но никогаш не се откажала од сонот да стане професионална тенисерка.
Франческа на свои 9 години од Бредфорд се преселила во Барселона и таму тренирала во академијата во која некогаш беа и ѕвездите Рафаел Надал и Енди Мареј. Џонс моментно е 241-ва на ВТА-листата, а лани беше и меѓу првите 200 на светот.