Ханс Дитер Флик е тренерот кој влегува во историјата на Баерн Минхен успевајќи во само една година да донесе шест трофеи на „Алијанц Арена“. Стратегот кој стана машина за пехари, на клупата на Баерн беше доведен како привремено решение, но остана и се покажа како перфектно решение.
Баерн Минхен минимално со 1:0 го победи Тигрес од Мексико, во финалето на Светското клупско првенство. Европскиот првак беше подобар тим, но Тигрес даде одличен отпор, но на крајот не можеше да направи сензација.
Бенџамин Павар во 59 минута го даде голот вреден нова титула за Баерн Минхен. По постигнувањето на погодокот, помошникот судија покажа дека имало офсајд, но по консултација со ВАР собата, погодокот беше признат.
Сепак, многумина не се сложуваат дека голот на Баерн е регуларен и се прашуваат дали Левандовски со рамото не бил во офсајд позиција.. По оваа победа, Баерн сега во свој посег ги има титулите во Бундеслигата, Купот на Германија, Суперкупот, Лигата на шампиони, Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство.