Петтото коло од новата сезона во Премиер лигата го отворија градските ривали Евертон и Ливерпул.
Нивните дуели го носат називот ,,Мерсисајд Дерби”, а денешниот меч беше вкупно 235. во историјата.
Натпреварот заврши со изедначени 2-2, што претставува 76. меѓусебно реми.
Резултатот го отвори Садио Мане во 3. минута, носејќи му предност на Ливерпул од 0-1.
Сепак, ,,Црвените” останаа без својот капитен, Вирџил ван Дајк, во 11. минута, кој поради повредата предизвикана од Џордан Пикфорд беше заменет со Џо Гомез.
До крајот на првиот дел, Мајкл Кини (19′), со глава, го израмни резултатот на 1-1.
Во 72. минута, Ливерпул поведе по вторпат со јубилејниот 100. гол на Мохамед Салах во црвениот дрес.
Само девет минути подоцна, Доминик Калверт-Луин, повторно израмни за Евертон и го постави конечниот резултат.
Воедно, Калверт-Луин е првиот играч на Евертон, после Томи Лоутон во 1937/38, кој забил гол во секое од првите пет кола.
Во 90. минута, Евертон остана со играч помалку, откако Ричарлисон заработи црвен картон за опасниот старт над Тијаго Алкантара.
Ова беше вкупно 22. меѓусебен дуел на Евертон и Ливерпул во којшто имало најмалку еден црвен картон.
Накрај, Ливерпул навидум дојде до трите поени со голот на Џордан Хендерсон, но истиот беше поништен поради офсајд.
После овој меч, двете екипи се наоѓаат на првите две места на табелата, но со натпревар повеќе во однос на конкурентите.



