Во текот на попладневните часови на изминатата сабота, во Струмица, беше одржана уличната трка – ,,Струмица на улица”.
На пет километри во машка конкуренција, најбрз беше триатлонецот Димитар Јованоски (16:30), пред новинарот на ,,Јави се јужна”, Атанас Епов (16:55) и пред Григоријан Никовски (17:17).
Домашната натпреварувачка, Анастасија Ристова (21:10) победи кај дамите со голема предност во однос на Бојана Манева (25:00) и на Цеца Србова (26:46).
На средната дистанца од десет километри, подиумот кај мажите го пополнија Ристе Новаков (37:06), Андреас Стојановски (37:17) и Тоше Анчев (37:30), а уште еден новинар на ,,Јави се јужна”, Марјан Туртуров (38:21), беше четврт.
Во женска конкуренција, Талија Петреска (47:34) славеше пред Валентина Узунова (50:29) и пред Сања Јачевска (51:57).
Главната трка на настанот беше полумаратонот во кој Жан Тосев (1:15:10) беше најбрз на домашен терен, оставајќи ги зад себе членовите на АК Делта – Мартин Трајановски (1:18:31) и Игор Јакимовски (1:20:26).
Од жените, Биљана Кираџиева (1:23:17) се искачи на највисокото скалило на пиедесталот, а втората и третата позиција ги освоија Маја Рајчина (1:40:13) и Александра Златкова (1:41:51).