Пред само два дена беше соопштена официјалната информација дека Себастијан Фетел нема да го продолжи својот договор со „Ферари“, кој ќе истече по завршувањето на 2020.
Како замена за Фетел се спомнуваа неколку возачи, а тимот од Италија, денес го претстави идниот пилот на црвениот болид. Станува збор за Шпанецот Карлос Саинц Јуниор, кој од 2021 ќе му биде тимски колега на Моначанецот Шарл Леклер.
„Многу сум среќен дека ќе возам за „Ферари“ во 2021 и возбуден сум за иднината во новиот тим. Сè уште имам важна сезона пред мене во болидот на „МекЛарен Рејсинг“ и едвај чекам да почнам да се тркам со него во оваа сезона.“ – се огласи Карлос Саинц за официјалната страна на Формула 1.
Главниот претставник на „Ферари“, Матија Биното, исто така даде свое мислење за новата аквизиција:
„Со пет сезони зад него, Карлос докажа дека е многу талентиран и има технички способности и вистински став што го прави идеален член на нашата фамилија [алудирајќи на „Ферари“].“
Наредната сезона ќе биде прва после 2007 во којашто „Ферари“, во своите редови, нема да има поранешен шампион. Овој факт би се променил само доколку Леклер ја освои шампионската титула во 2020.
Идол на Саинц му е Фернандо Алонсо, а двајцата возачи имаа ист пат во Формула 1. Имено, Алонсо го започна своето патешествие во најбрзиот циклус во тимот на „Минарди“ (сега „Торо Росо“), а потоа преку „Рено“ и „МекЛарен“ стигна до „Ферари“.
Како замена за 25-годишниот Шпанец, „МекЛарен“ го назначи Даниел Рикијардо од тимот на „Рено“.