Откако Коронавирусот донесе хаос насекаде низ светот и ги одложи речиси сите спортски настани, единствено Австралија (со исклучок на неколку други земји) успеваше да пркоси на ударот. Сепак, веднаш по завршувањето на првото коло од АФЛ (најквалитетната лига за австралиски фудбал), е донесена одлука истата да се суспендира најмалку до месец мај. АФЛ во женската конкуренција стигна до полуфиналињата, но истата ќе биде откажана и ќе нема шампион.
„Знам дека секој што е вклучен во нашата игра и нашите милиони поддржувачи ќе бидат погодени од оваа одлука и дека многу луѓе ќе патат од значителни тешкотии исто како и другите луѓе низ заедницата, но знам и дека сите имаме одговорност за секој од нас. Мораме да работиме колективно за да ја пребродиме кризата.“ – изјави директорот на АФЛ, Џилон МекЛелан, за официјалната страна на АФЛ.
Освен АФЛ, во Австралија моментално се игра и НРЛ (најквалитетната лига во рагби лиг). Сепак, засега истата нема да биде прекината, а поранешниот австралиски капитен Бред Фитлер, за официјалната страна на НРЛ изјави дека ситуацијата во АФЛ е покомплицирана пред сè поради поголемиот број на играчи и патувањето во повеќе сојузни држави на Австралија.
„Има разлика помеѓу двата спортови, а тоа е дека ние (НРЛ) патуваме помалку отколку АФЛ. Ако има причина за НРЛ да продолжи, а не да се суспендира, тоа ќе биде благодарение на овој факт. Тие (АФЛ) имаат тимови во западна Австралија, јужна Австралија, Бризбејн, Сиднеј и Мелбурн така што тоа бара многу патување. Ако НРЛ има некаква предност, тоа ќе биде фактот што се игра само во две сојузни држави.“
На крај, Фитлер додаде:
„Знам дека вечерва ќе се оддржи важен состанок и мислам дека тоа што ќе се одлучи таму, ќе биде и конечна одлука за дали НРЛ ќе продолжи.“



