
Двете натпреварувања од Светскиот куп во ски скокови во Титизее-Нојштадт (Германија), кои беа замена за јапонскиот Сапоро, дадоа во потполност ист подиум.
По вторпат во два дена, на врвот застана домашниот скокач, Карл Гајгер, кој го зголеми своето водство во генералниот поредок.
Втората позиција му припадна на најдобриот Словенец, Анже Ланишек, кој беше петти после првата серија, додека третото место го зазеде Маркус Ајзенбихлер.
Најголемиот конкурент за титулата на Гајгер, Рјоју Кобајаши, заврши како четврт, а во првите петмина се пласираше уште Јан Херл.
Во продолжение, пласман помеѓу десетте најдобри изборија Тими Зајц, Халвор Егнер Гранеруд, Петер Превц, Штефан Крафт и Штефан Лаје.