Селекторот Данило Брестовац денешниот ден за одмор го искористи за анализа околу тоа што се случува во македонската репрезентација и објасни каков е квалитетот со кој моментно располагаме на национално ниво.
,,Постојано слушам критики ама никој не сака да си погледне во очи, ние немаме играчи. Точно е дека загубивме со 10 разлика, но мислите дека мене ми е убаво да го гледам тоа? Сепак, подобро е да загубиме со 10 разлика и сите да видат каде се и да напредуваат, отколку да загубиме со 3-4 разлика, а да го држиме Лазаров да игра 60 минути и да се потпираме на постарите играчи. Така само ќе се залажуваме и ќе го одложуваме моментот кој неминовно треба да се случи. Без Столе, Лазаров, Пешевски и Митревски ќе биде уште потешко. Ова ќе боли една-две години. Немаме 20 бека, мора да создадеме играчи“, објаснува Брестовец.
Селекторот повторно потенцираше дека најголем проблем за поголем дел од репрезентативците е тоа што немаат добра минутажа во своите клубови и не играат доволно.
,,Погледнете каде играат ракометарите на Словенија, а каде нашите. Знаете ли каква е минутажата што ја добиваат нашите играчи во своите клубови? Слушам и критики како не е земен овој или оној играч. Дури и за играчи кои не се ни во првиот тим на својот клуб. Не им се добри за првиот тим во клубовите, а сакаат да бидат добри за во репрезентација? – потенцираше на крај селекторот.



