Андон Бошковски е тренер со богато искуство во македонскиот ракомет, кој летово за првпат седнува на клупата на Тинекс Пролет. Освоеното трето место минатата сезона и пласманот во Европа е нешто на што клубот ќе се стреми и во наредниот период, а Бошковски е подготвен за предизвикот што го носи работата во Тинекс Пролет. Бошковски за клубскиот сајт имаше мини интервју:
„Верувам дека Тинекс Пролет ќе биде убава приказна во мојата тренерска кариера, бидејќи се надополнувам на нешто што трае со години, клуб што во последните дваесетина години не се соочувал со проблеми благодарение на стабилен спонзор како што е компанијата Тинекс. Во последните години стана јасно дека сакаат да се кренат организациски и резултатски, екипата стигна до третото место и ја потврди амбициозност со дела. Инспирација е да се биде тренер во ваков клуб, ќе се бориме да го повториме тој успех, секако ќе биде многу потешко, но не се плашам од предизвици, заедно со играчите кои ги имаме на располагање ќе одиме на победа на секој натпревар. Ни фали уште еден до два ракометари за комплетирање на ростерот, но не сум загрижен бидејќи знам дека Пролет тоа го прави со години наназад, не се залетува, чека вистински играч во вистински момент и го доведува во клубот“
Нема да има никакви промени во стручниот штаб, а веќе е договорен и текот на подготовките за наредната сезона.
„Стручниот штаб го наследив од мојот претходник и целосно сум задоволен од него, тука е Лембанов како помошник, Тотиќ како техничко лице и Ѓорѓи Спасов како кондициски тренер. Имав разговор со Јане Цветковски, кој може да ни помогне во таа работа со помладите голмани. Со подготовки почнуваме од 4 август со лекарски прегледи, на 9 август одиме за Пехчево, каде ќе ги одработиме главните подготовки до 16 август. Веќе на 17 август ќе го играме првиот контролен меч со Прилеп, потоа ќе играме и контрола со Металург, а потоа би можеле да настапиме на еден турнир за кој добивме покана, доколку тој викенд на 28 август не настапуваме во европските купови“.
Работата со домашните играчи е препознатлив дел од функционирањето на Тинекс Пролет, нешто што ќе продолжи и под водство на новиот стратег.
„Пролет со години покажува дека е меѓу првите четири екипи во Македонија. Некогаш доаѓа до место во тие Топ 4 и излегува во Европа, некогаш не, но амбициите секогаш се исти. Пред се, доминира со години наназад продукцијата на домашни играчи. Годинава и пазарот е потесен бидејќи се појавија многу клубови, затоа Тинекс Пролет минатата сезона беше принуден да доведе засилувања од странство, но и тие странци внимателно се избираат, еден до двајца кои ќе имаат позитивен ефект и кои ќе го кренат и квалитетот на игра кај домашните играчи. Јас целосно се сложувам со овој концепт и верувам дека заеднички ќе го извлечеме максимумот од екипата што ќе биде составена. Реално, Тинекс Пролет е еден од оние Топ 5-6 тимови во мак-ракометот, а наша цел сигурно останува пласман меѓу првите четири места и обезбедување место во Европа“.
Поголемиот дел од играчите кои го осигураа третото место остануваат во клубот, што е одлична работа, а досега е доведено едно засилување, голманот Петковски од редовите на Голден Арт КЛ7. Целото интервју може да го прочитате на следниот ЛИНК.