Македонскиот кик-боксер и најдобар спортист за 2024 година, Бобан Илиоски, синоќа ја одбрани својата ВАКО Про светска титула во К1 категоријата до 88,6 килограми, совладувајќи го Французинот Кадри Мурсели со прекин во втората рунда на спектакуларниот настан во Женева, Швајцарија.
Илиоски блескаше во рингот, покажувајќи зошто важи за еден од најдобрите борци на светската сцена.
Иако настапи со повреда, тоа не го спречи да ја демонстрира својата техничка супериорност и борбен дух. Борбата беше прекината во втората рунда, откако Мурсели не можеше да продолжи по серија силни удари од македонскиот шампион.




