Младинскиот тим на Еурофарм Пелистер продолжува да ги руши бариерите на европската сцена, откако со две импресивни победи на квалификацискиот турнир во Букурешт обезбеди пласман на завршниот „фајнал-фор“ турнир во Лигата на шампионите за млади.
Клучна улога во овој историски успех одигра младиот бек Алем Хаџиќ, кој буквално блесна на турнирот и го предводеше својот тим до победите. Хаџиќ постигна неверојатни 26 погодоци на двата натпревари и беше убедливо најдобар стрелец на турнирот. За своите извонредни настапи, тој го доби и признанието за најкорисен играч (МВП), а сосема очекувано се најде и во идеалниот тим.
Покрај него, во најдобрата седумка на турнирот се најдоа и неговите соиграчи Леонид Лозановски и Јован Марковски, што само ја потврдува доминацијата на битолскиот состав. Во идеалниот тим се најдоа и ракометарите на домаќинот Динамо Букурешт – Станчиу, Думитру, Негрила и голманот Матеи.
Ова е голем чекор напред за младинскиот погони на Еурофарм Пелистер и уште една потврда за квалитетната работа со младите категории. Битола со нетрпение го очекува настапот на својот тим на завршниот турнир, каде талентираните ракометари ќе имаат шанса да се борат за европска слава.




