Првото овосезонско индивидуално натпреварување од Светскиот куп во ски скокови беше одржано денес во Висла, Полска.
На квалификациите во петок победи домашниот скокач Камил Штох, додека на вчерашното тимско скокање славеше Австрија.
Денес имаше исклучителни налети на ветар во гради што овозможи долги скокови, а потоа и скратување на залетувалиштето.
Во првата серија, Даниел Хубер го демонстрира најдолгиот скок во текот на цел викенд од 138,5 метри што е само за половина метар пократок од актуелниот рекорд на скокалницата, кој е во сопственост на Штефан Крафт.
После првата серија, водечки беше Анже Ланишек, пред гореспоменатиот Хубер и пред Маркус Ајзенбихлер.
Огромно разочарување приреди актуелниот шампион, Штефан Крафт, кој не се квалификува во втората серија. Од фаворитите за втор скок, друштво на Австриецот му правеа Евгени Климов, Даниел Андре Танде, Андреас Велингер, Грегор Шлиренцауер и Роберт Јохансон.
Во втората серија, големи потфрлувања имаа Петер Превц и Камил Штох, кои, заедно со Стефан Хула, ги освоија последните три позиции што носат поени.
До втората победа во кариерата стигна Ајзенбихлер, оставајќи ги зад себе Карл Гајгер и Даниел Хубер. Освен нив, пласман во првите десет изборија: Халвор Егнер Гранеруд, Пјотр Жила, Анже Ланишек, Јукија Сато, Филип Ашенвалд, Мекензи Бојд-Клаус и Михаел Хајбок.
Најдобар скок во вторара серија имаше Мартин Хаман (138 метри), но заврши на осумнаесеттото место поради контакт со снегот.