Норвешкиот ски-центар Квитфјел е домаќин на натпреварувањата од светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција овој викенд. На денешната програма беше натпреварувањето во спуст. Имајќи во предвид дека заради Коронавирусот, последниот спуст што требаше да се оддржува во Кортина д’Ампецо беше откажан, ова натпреварување беше последно сезонава во оваа дисциплина.
Швајцарецот Беат Фојц го освои малиот кристален глобус во спуст откако беше доминантен речиси цела сезона особено по повредата на Доминик Парис кој се повлече од светскиот куп уште во јануари.
На денешниот спуст, до победата дојде Матијас Мајер. За Австриецот, ова беше втора овосезонска победа во спуст. Веднаш по него заврши водечкиот во генералниот пласман – Норвежанецот Александер Омодт Килде (+0,14). На третата и четвртата позиција беа двајца Швајцарци односно Карло Јанка (+0,37) и Беат Фојц (+0,43). Американецот Тревис Генонг заврши на одличното петто место (+0,55). Во првите десет завршија и Кјетил Јансруд (+0,83), Мауро Кавиецел (+0,91), Томас Дресен (+0,95), Никола Рафор (+1,13) и Камерон Александер (+1,19). Второпласираниот скијач во генералниот пласман, Алексис Пантуро, заврши на триесет и седмото место и не освои поени на оваа трка.



