
Меѓусебната серија од пет натпревари помеѓу Англија и Индија го отвори вториот циклус на СП во тест крикет, кое ќе трае до 2023 година.
После првите три средби, двете селекции запишаа по една победа, додека првиот меч заврши со реми, откако беше прекинат.
На четвртиот заеднички дуел, на ,,Кенингтон Овал” во Лондон, Индија го запиша вториот триумф во серијата, славејќи со 500-657 (290&210 – 191&466).
Првиот ининг на Индијците траеше 61.3 оувери и во него, ,,педесетки” забележија Шардул Такур (57) и Вират Коли (50), а во истиот период, најдобар англиски фрлач беше Крис Воукс (4-55).
Англичаните во наредниот период стекнаа комфортна предност, пред сè поради учинокот на Оли Поуп (81), додека трите викети на Умеш Јадав (3-76) ја задржија Индија во игра.
Третиот дел од мечот траеше енормни 148.2 оувери што им дозволи на Азијците да влезат во последниот ден без никаков психолошки притисок.
Од удирачите, совршен беше Рохит Шарма (127), а квалитет демонстрираа уште Четешвар Пуџара (61), Шардул Такур (60) и Ришаб Пант (50).
Од фрлачите на Англија, повторно најдобар беше Воукс со учинок од 3-83 после 32 оувери.
Во последниот ининг, Англичаните издржаа 92.2 оувери во кои најефикасни беа Хасиб Хамид (63) и Рори Барнс (50).
На спротивната страна, три викети освои Умеш Јадав (3-60), но убедливо најдобра економија со рејтинг од 1.23 имаше Џасприт Бумрах (2-27).
Во врска со неговите фрлања, капитенот на Англија, Џоу Рут, на интервјуто после натпреварот се огласи:
,,Тоа беше брилијантна серија на фрлања од Бумрах, која навистина претставуваше пресвртна точка на натпреварот.”
Петтиот меч од тековната меѓусебна серија ќе започне на 10 септември и ќе се одигра на ,,Олд Трафорд” во Манчестер.



