
Претпоследното коло од регуларната АФЛ сезона го отворија две екипи што се бореа за доигрување, односно ГВС Џајантс и Ричмонд Тигерс.
Накрај, Џајантс успеаја да триумфираат со (16.10) 106-67 (10.7) и на тој начин да го загарантираат своето учество во плејофот, откако се искачија на седмото место.
Од друга страна, актуелните шампиони, Ричмонд, со денешниот пораз се збогуваа од одбраната на титулата, спуштајќи се на десеттата позиција.
Џајантс важеа за благи фаворити во пресрет на оваа средба, а констатацијата беше оправдана уште од самиот старт.
Имено, домаќините од Сиднеј ги добија убедливо првите три четвртини, а на почетокот на четвртиот квартал поведоа со максимални +59.
Во отсуство на казнетиот Тоби Грин, најефикасни фудбалери од победничкиот состав, а воедно и на мечот, беа Тим Таранто (4.2) и Хари Химелберг (3.0).
На спротивната страна, по четиринаесет поени запишаа Том Линч (2.2) и Шеј Болтон (2.2).



