
Откако Колорадо Аваланш поведоа со вкупни 2-0 во меѓусебната четврт-финална серија против Вегас Голден Најтс, успеаја да запишат три порази во низа.
Синоќа беше одигран нивниот петти дуел, кој заврши со 2-3 во корист на Вегас после продолжение.
Колорадо имаше посакуван старт и после две третини водеше со 2-0, благодарение на Брендон Саад и на Јоонас Донској.
Сепак, со двата брзи погодоци на почетокот на третиот период, продолжение изборија Алекс Так и Џонатан Маршесолт.
Дополнителниот период траеше само педесет секунди бидејќи триумф на гостите им донесе Марк Стоун со првиот шут кон голот на Филип Грубауер.



